Суперлигашите ја решија Куп-задачата, Печенковски лидер кај Јуниор

Суперлигашите од македонскиот ракомет лесно ги прескокнаа пречките. По екипите на Охрид, Металург, Пролет и Еурофарм Пелистер 2, останатите екипи од елитата си ја завршија задачата во Купот на Македонија.

Тиквеш на Андоноски Горан лесно славеше на гостувањето кај Борец во Велес (26-35). Одличен настап имаше Стефан Дрогришки со осум гола, пред Гошевски и Јанчев со по четири гола, а кај велешани најистакнат беше Кристијан Ристов со осум гола.

Новиот суперлигаш Скопје на домашен терен го надигра РК Текстилец (35-19) и ова е прва победа за тимот сезонава. Кирил Пешкирски реализира единаесет пати, пред Андреј Пешевски кој даде шест гола, кај гостинот Милисав Петров имаше шест, додека Никола Јованов даде пет гола.

РК Струга беше убедлива кај Македонија Ѓорче Петров (26-37). Бобан Блажески кај езерџиите имаше единаесет гола и беше убедливо прво име на мечот, додека кај „лавовите“ по шест гола дадоа Ѓиноски и Спировски.

Бутел Скопје очекувано се справи со Вардар Неготино (35-25). Бојан Спасовски имаше девет гола, пред Марко Митев кој даде шест, кај неготичани најмногу стрелаше Петре Петовски - осум пати.

Прилеп предводен од тренерот Горан Кузманоски победи кај Астраион (25-37). Хари Павлов беше прво име кај прилепчани со дванаесет гола, пред Христи Бикоски со седум, додека кај струмичкиот тим Иванче Ончев имаше блескава партија со 15 гола, но не можеше да помогне да се избегне поразот.

Од прволигашите, Јуниор Кисела Вода го надигра Куманово (32-29) воден од Горан Печенковски со десет гола, Голден Арт си ја заврши задачата со Партизан (41-19) во меч во кој Есад Дрпљанин имаше десет реализации, додека РК Драчево славеше на гости кај Работнички (25-30).