Суперлига трансфери: Пелистер и Вардар пак главни, Алкалоид чека од сенка

Македонската Суперлига е подготвена за старт, во нов лик, со дванаесет екипи, кои ќе се борат за што е можно повисок пласман. Бранител на титулата е Еурофарм Пелистер, додека новајлии се Бисинов Фруитленд, ребрендиран во Борец Фруитленд кој е дебитант, како и повратникот Радовиш.

Еурофарм Пелистер покажа многу аномалии на стартот на сезоната, загуби и во Суперкупот од Алкалоид, но пак според ростерот е прв фаворит за титулата. Во клубот пристигнаа нови голмани, тоа се Никола Митревски и Филип Ивиќ, промени има кај пивотите кај што се Кајо Цикатиќ и Самоил Ристевски, а новајлија е Илија Абутовиќ за цврстина на одбраната. Повратник во Битола е и десниот бек Усама Хосни од Тунис.

Главен конкурент секогаш на битолчани е Вардар 1961. Тимот ќе биде предводен од Владо Недановски, надополнет со португалскиот голман Мигел Еспиња Фереира кој го менува Мартин Томовски, а главно оружје ќе бидат бековите Дмитро Хориха од Украина и Вуко Борозан од Црна Гора кои имаат одличен шут и ќе бидат задолжени за головите. Новитет е и првиот Холанѓанец во македонскиот ракомет, Ларс Коиј, кој допрва ќе го покажува квалитетот, како и средниот бек Младен Крсманчиќ кој ќе има тежок товар за да го замени Јапонецот Кеисуке Јасихура кој си замина. Пристигна и повремениот репрезентативец Марио Танкоски, како и крилото Мигел Пинто од Португалија.

Алкалоид остана доследен на патот по кој тргна од почетокот и со македонски играчи ќе ги напаѓа фаворитите. Дека клубот може да игра со најдобрите, покажа во Купот на Македонија каде преку Вардар и Еурофарм Пелистер дојде до трофејот, а потоа и во Суперкупот каде вторпат ги победи битолчани. Новитет е Португалецот Франциско Оливеира кој игра на бековските позиции, а пристигнаа уште Марко Кизиќ кој на голманската позиција се промовира одлично, како и Никола Костески кој од меч во меч е меѓу топ-стрелците. Старо-нов играч на Алкалоид е Михаил Ивановски кој ќе биде додадена вредност на екипата. Доброто за тренерот Лазаров е што костурот на Алкалоид остана ист, никој не си замина од ланскиот тим.

ГРК Охрид исто така се очекува да биде при врвот на македонскиот ракомет, на позициите кои водат во Европа. „Рибарите“ предводени од Стевче Алушовски сигурно дека ќе бидат незгодни за ривалите, посебно кога играат дома. Кај охриѓани главното засилување дојде на голманското место каде потпиша Градимир Чаневски.

ГРК Тиквеш исто така ќе биде незгоден, но тимот се соочи со турбуленции и прашање е како ќе одговори затоа што неочекувано се раздели со тренерот Драган Марковиќ кој дојде од Србија. Новитети се голманот Игор Арсиќ, потоа Данило Осадчи кој игра како пивот и дојде од АСОБАЛ, па Дарио Кофилоски и уште неколку други играчи...

Бутел Скопје беше исто така доста активен во преодниот рок. Последен кој го донесе беше левиот бек Христијан Милошески, а потпиша и со пивотите Матеј Новаковски и Драган Шољиќ, левите бекови Теодор Тодески и Тодор Узунчев, средниот бек Леонид Киселовски и десните бекови Мартин Петровски и Димитар Узунчев.

Пролет сака да се вмеша во игра за плеј-офот, затоа што донесе пет нови засилувања во тимот кој ќе го предводи Александар Јовиќ. Тунижанецот Бакар кој е на позајмица од Вардар беше петтото засилување на тимот летово, по Стефан Стојчевиќ, Андреј Глигоров, Мице Шилегов и искусниот голман Златко Даскалоски.

Во вториот дел од „костурот“ кој води во борбата за опстанок се очекува да бидат екипите на МРК Куманово кај кого главниот збор ќе го имаат двајцата странци Каио Винисиус од Бразил и Уча Гамзардија од Грузија, потоа Прилеп кој го врати искусниот Александар Тренчевски, а потпиша и со Божидар Илиески, Стефан Христоски, Никола Јеремиќ, како и Струга, повратникот Радовиш и Борец Фруитленд. Дилема е шестата екипа, тоа се очекува да биде Бутел Скопје или Пролет. Барем така вели математиката кога ќе се сумираат работите на хартија. Но, спортот носи изненадувања, па може да видиме такво нешто и во Суперлигата?