Суперлига 2024/25: Вардар на стартот против Алкалоид, „вечно дерби“ во четвртото коло

Во просториите на Ракометната федерација на Македонија се одржа ждрепката и се одредија редните броеви на клубовите во машката Суперлига

Во новата сезона на Суперлигата, повеќе нема да има две групи, туку сега сите 12 екипи ќе играат во главната фаза меѓу себе, во двокружен систем. По комплетирањето на регуларниот дел, шест екипи одат во плеј-офот, а шест во плеј-аут сегметнтот. Првопласираната екипа од главниот дел од сезоната во доигрувањето пренесува три бода, второпласираниот и третопласираниот по два, а четвртите и петтите по еден.

Среќата посака уште во првото коло да има скопско дерби меѓу Алкалоид и Вардар во „Автокоманда“. Од друга страна, шампионот Еурофарм Пелистер одбраната на тронот ќе ја започне во Кавадарци против Тиквеш. 

  • Парови за првото коло во Суперлигата:

Алкалоид - Вардар
Радовиш - Охрид
Бутел Скопје - Куманово
Прилеп - Пролет
Тиквеш - Еурофарм Пелистер
Струга - Бисинов

Првите натпревари во Суперлигата ќе се одиграат викендот на седми и осми септември, а претходно ќе се игра Суперкупот меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид.

Првото најголемо македонско дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра во четвртото коло на 28 или 29 септември, а реваншот е на средината на декември.