• Иван Димовски
Женскиот суперлигаш ЖРК Чаир промовира две големи засилувања за новата сезона. Клубот од Скопје со двете нови имиња може да претендира за највисок дострел во Суперлигата и Купот. Нови членки на тимот од Чаир се репрезентативките Бојана Диневска и Ивана Џатевска, кои доаѓаат од таборот на ЖРК Вардар.
Диневска беше капитенка на „црвено-црните“, но сега амбициозниот проект на ЖРК Чаир ја привлече да ја смени средината.
„ЖРК Чаир ќе биде нов чекор во мојата кариера, ме импресионира фактот дека се посакува успех. Управата на Чаир најавува градење на топ-тим и јас сакам да сум дел од него. Благодарна сум за шансата и едвај чекам да започнеме. Имам високи очекувања од сезоната, затоа што вербата во тимот на ЖРК Чаир за успех ме мотивира. Верувам дека со напорна работа ќе ги постигнеме нашите цели. Да се биде дел од тим со шампионски амбиции, само по себе е мотив“, изјави Диневска.
Од друга страна и Ивана Џатевска доаѓа од таборот на вардарки. Се работи за кружен напаѓач, сениорска репрезентативка и голем борец. Ракометарката е одлична и на дефанзивен план, па тоа е адут повеќе за Чаир во новата сезона.
Инаку, освен на домашно тло, екипата на ЖРК Чаир ќе игра и во Европскиот куп на ЕХФ, каде што ги очекува двомеч со Венло од Холандија.