Супер-меч за Кузмановски: Прв стрелец на Хановер во триумфот со Вецлар!

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски имаше одличен натпревар во германската Бундеслига, а неговиот Хановер конечно ја прекина кризата без победа која траеше пет натпревари.

Хановер на домашен терен минимално славеше над Вецлар (25-24), а Кузмановски беше прв стрелец кај победникот со шест постигнати гола од седум обида. Македонецот беше убедливо прв стрелец и на натпреварот, затоа што кај Вецлар, Форсел даде пет гола.

На овој дуел настапи и Филип Миркуловски во дресот на Вецлар, но не успеа да се запише во листата на стрелците (0/1), а подели две асистенции.

Мартин Томовски и неговиот Лудвигсхафен загубија на гости кај Флензбург (35-29). Томовски запиша шест одбрани и меѓу стативите мина 23 минути.

На останатите натпревари во Бундеслигата, Кил славеше на гости кај Мелсунген (28-32), Балинген беше подобар од Есен (32-28), додека Минден дојде до полн плен кај Нордхорн-Линден (20-22).