Супер-драмата за битолчани, Еурофарм Пелистер преку Вардар до трофејот во Суперкупот!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер по третпат го освоија трофејот во Суперкупот, откако по огромна драма го совладаа Вардар 1961 со 28-27 (12-13). По четврти пат во низа, втор во официјалните натпревар пелистерци го совладаа лутиот ривал и ја отворија новата сезона со првиот трофеј.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961:

Вардарци не отворија добро и направија две грешки, а на спротивната страна Хосни и Радивојевиќ донесоа стартна предност за пелистерци (2-0). Првиот гол за тимот на Чупиќ го постигна Кеита од крило, а потоа погоди Тајник за 3-1. Во следната акција Јанковски изнуди пенал кој го реализира Кавада, па со човек повеќе реализира Хенигман за 4-2. Следуваше враќање на вардарци до егал, па во следните минути се играше гол за гол, а скопскиот тим не реализира и напад за прво водство при 5-5. За Еурофарм Пелистер ефектен гол даде словенечкиот плејмејкер Тајник по добар дриблинг (6-5), а потоа Кавада и Талески донесоа прва вардарова предност од 6-7.

Кузмановски промаши пенал, па по голот на Малус за 6-8 тренерот Гарабаја побара прв тајм-аут. Ниту тоа не вроди со плод, па серијата се зголеми на 0-4 со двата гола на Дмитро Хориха. „Постот“ на пелистерци го прекина Валид, а потоа за 8-10 во транзиција погоди Хосни. Со доза на среќа реализира Талески по акција во која покажа огромна решителност, но Хосни го одржа шампионот во игра (9-11). Минута одмор свика и Чупиќ, па вардарци погодија преку Кавада од седмерец и Митровиќ во празна мрежа од својата половина за повторување на максималните „плус четири“ (9-13). Сепак, до крајот на полувремето голови даваше само Пелистер, погодуваа Манасков, Тајник и Хосни и на одмор се замина со минимална предност за скопјани од 12-13.

Во вториот дел подобро влегоа битолчани кои со головите на Хосни и Радивојевиќ поведоа со 14-13. Следуваше директно исклучување за Богдан Радивојевиќ кој го удри Малус в лице, а по две исклучувања собраа Хориха и Хосни во двата табори. Се играше некое време гол за гол, а потоа Пелистер поведе со 17-15, но Вардар бргу се врати до егал. Откако битолскиот тим пак врза два гола, Чупиќ се реши за тајм-аут. Во следниот период избраниците на Гарабаја реализираа два пенали преку Хекбергти одржуваа два гола предност која ривалот ја бркаше. Со голот на Кузмановски од шест метри пелистерци поведоа со 24-21 на влезот во 49 минута. Младиот Брестовац врза интервенци и го бранеше водството на својот тим, а Чупиќ го повика последниот тајм-аут, а и по него му фати зицер на Јанковски и со голот на Пешевски пелистерци поведоа со 26-22. Вардар како да остана без идеја, нападите одеа на сила и играше со три бека-шутери без вистински организатор на играта. Со головите на Јанковски и Талески инспирирани од Гогов сепак скопјани се вратија во мечот (26-25), а Гарабаја реши да повика тајм-аут за консолидирање на тимот. Техничка грешка направи капитенот на пелистерци и во долг напад Вардар стигна до израмнување 26-26.

Успеа Тајник да изнуди пенал во клучен момент, но Васил Гогов му го одбрани седмерецот на Хекберт. На спротивната страна и Брестовац го прочита ударот на Талески, па во последните две минути се влезе со целосен егал. Брзоногиот Тајник одново доби пенал, а овојпат сигурен беше Манасков за „плус еден“. На спротивната страна седмерец изнуди и Малус и перфектната серија ја продолжи Харуки Кавада за ново израмнување. По тајм-аут реализираше Усама Хосни и донесе голема победа за својот тим. Во последниот напад Вардар бараше фаул од Манасков врз Талески, се прегледуваше и ВАР, ама судиите оценија дека нема такво нешто.

Најефикасен играч на средбата беше Хосни со осум гола, додека кај вардарци се истакна Кавада со шест.

Најнови вести од
Суперкуп на Македонија, Македонија