• Мартин Танасковски
Македонскиот ракометен првак во женска конкуренција, ЖРК Ѓорче Петров, доживеа пораз од Х65 Хоор од Шведска (21-29) во првата средба од квалификациите за Европската лига на ЕХФ и ќе има тешка задача на реваншот.
Нашиот претставник парираше дваесетина минути, но потоа ривалот влезе во серија и првпат се одлепи поосетно. Воден од странските засилувања Муратовиќ и Дежиќ, ЖРК Ѓорче Петров имаше 11-10 по дваесетина минути игра, но потоа шведскиот тим на секој еден гол на македонскиот враќаше со два, па на пауза замина со 14-11.
Активната игра на ЖРК Ѓорче Петров продолжи и во вториот дел, кога беше 20-18, но серијата од 6-2 на Хорс беше кобна за македонскиот претставник на ова гостување и ќе мора да се брка висок минус на домашен терен во Македонија.
Најдобар стрелец кај ЖРК Ѓорче Петров беше Есма Муратовиќ со осум гола, пред Ивана Дежиќ со пет гола, додека кај Хорс се истакна Ема Нухановиќ со девет гола, а Јохана Остблом погоди шест пати.
Реваншот во Скопје е закажан на 13 октомври.