Струшкиот турнир подготвува силна конкуренција: Еурофарм, ЦСМ Букурешт, Спартак Москва...

Кон средината на август на „Женска плажа“ во Струга ќе се одржи традиционалниот 47-ми струшки ракометен турнир. Организаторот ветува уште едно квалитетно издание и во завршна фаза се преговорите со неколку странски екипи кои ќе го збогатат квалитетот на турнирот.

Покрај домаќинот Струга, нашата земја ќе ја претставува вицешампионот Еурофарм Работник, а во комбинација за настап се романски ЦСМ Букурешт, Спартак Москва од Русија и екипи од Франција и Шведска.

Францускиот Шартр двапати во последните три години го освои турнирот во Струга, а минатата година триумфираше словенечкиот Целје Пивоварна Лашко.

Минатата година во Струга се одигра и Суперкупот на Македонија меѓу Металург и Вардар и постои опција и годинава на „Женска плажа“ да биде доделен првиот трофеј во новата сезона 2019/20.