• Иван Димовски

Ракометарите на Охрид го добија „езерското дерби“ против Струга со 24-37 (13-16) во првото коло на Меѓународниот ракометен турнир во Струга. Пружи домаќинот одличен отпор во првото полувреме, дури и долго водеше, а потоа се распадна играта и на површина исплива квалитетот на противникот.
Домашната екипа на турнирот тргна подобро од фаворизираниот ривал. Стружани отворија одлични и поведоа со 4-2, а се одржуваа во водство до 7-6. Потоа охриѓани одговорија со два гола за прво водство (7-8). Успеа Струга да се држи до егал и повторно поведе, ама следуваше пад пред полувремето. Тимот на Борис Ројевиќ влезе во подобра серија и на одмор замина со „плус три“ (13-16).
Веќе по паузата Охрид почна да го крши домашниот отпор. Предноста почна да расте и по десетина минути игра достигна дотогаш максимални 14-22. Иако Божидар Мојсов свика тајм-аут во обид да го консолидира тимот, јасно беше дека противникот е поквалитетен и тоа го докажа на теренот. Предноста продолжи да расте и ја проби двоцифрената граница во 49. минута со гол за 21-31, а максималната разлика достигна 14 гола. До крајот сè беше рутина за Охрид кој стигна до убедлива и висока победа.
Никола Зечевиќ со шест гола го предводеше Охрид, додека по четири дадоа Дарко Ѓукиќ и Мартин Ивановски, а кај Струга се истакна Никола Јукиќ со седум.

