• Саше Љолес

Екипата на Радовиш конечно се израдува на прва победа и славеше против Струга (33-30) во натпреварот од осумнаесеттото коло на македонската ракометна Суперлига.
- Комплетниот натпревар помеѓу Радовиш и Струга:
Домашниот тим подобро го отвори мечот, постојано имаше водство од 2-3 гола, а на паузата замина со резултат 17-15. Стружани не делуваа дека се во подредена улога, но им беше потребно време да го фатат потребниот ритам.
Стартот на второто полувреме донесе слична слика на теренот, радовишани успеваа да ја одржуваат предноста и делуваа дека повеќе ја сакаат победата. Во 45. минута резултатот гласеше 25-22, но гостите потоа успеаја да дојдат на само гол негатива. Сепак, Радовиш не дозволи непријатности и до крајот успеа да го слави со 33-30, остварувајќи го само првиот триумф сезонава.
Најефикасен во победничкиот состав беше одличниот Здравко Постолов со десет гола, а на спротивната страна ист учинок имаше Александар Стојков.