• Саше Љолес

Екипата на Струга приреди мало изненадување и го совлада тимот на Пролет 62 со конечни 22-20 во шестото коло од плеј-аутот на македонската ракометна Суперлига.
- Комплетниот натпревар помеѓу Струга и Пролет 62:
Првото полувреме понуди крајно неефикасна игра, па иако домашниот тим отвори подобро и имаше водство од 6-1, сепак Пролет возврати со иста мера и до паузата успеа и да го преземе водството (9-10).
Стружани повторно беа подобри на почетокот на вториот дел, водеа со 15-13, a потоа и со 17-14, навестувајќи дека се расположени за добар резултат против лидерот во оваа конкуренција. Гостите од Скопје во последните петнаесетина минути се обидоа да се вратат во мечот и тргнаа со посилно темпо, но Струга беше солидна во одбрана и не дозволуваше лесно да ја загуби предноста, на крајот триумфирајќи со конечни 22-20.
Најефикасен ракометар во победничкиот тим беше Лазар Ристиќ со седум гола, еден помалку имаше Александар Стојков, додека на спротивната страна пет погодоци запиша Андреј Стојановски. Во следното коло Струга ќе отпатува на гости кај Куманово, а Пролет на домашен терен ќе го пречека тимот на Прилеп.