Стрмљан: Вардар го видовме трипати, знаеме што да очекуваме

Ракометарот на ГРК Охрид, Тилен Стрмљан, го најави претстојното дерби против Вардар 1961, кое викендов ќе се одигра во рамките на македонската Суперлига. Словенечкиот интернационалец е свесен за квалитетот на актуелниот шампион, но верува дека неговиот тим може да одигра добар натпревар во Скопје.

„Нѐ очекува тежок натпревар против екипа која игра квалитетен ракомет не само во Македонија, туку и во Лигата на шампионите. Нашата задача е добро да се подготвиме и максимално да одговориме на предизвикот. Со Вардар веќе игравме трипати, добро се познаваме и знаеме што можеме да очекуваме“, изјави Стрмљан.

Тој нагласи дека охриѓани ќе патуваат во главниот град со јасна цел – да го дадат својот максимум и да се обидат да стигнат до позитивен резултат.

„Одиме во Скопје да го дадеме својот максимум и да се обидеме да направиме добар резултат. Верувам дека ако одиграме дисциплинирано и борбено, можеме да бидеме рамноправен противник“, додаде ракометарот на Охрид.

Дуелот меѓу Вардар 1961 и ГРК Охрид е најинтересното соочување во претстојното коло од македонската ракометна Суперлига.