Столе: Се надевам Михајло нема да го смени Алуш и да го врати Вардар десет години назад!

Македонскиот ракометен шампион Вардар од следната сезона ќе добие нов предводник, затоа што Стевче Алушовски по завршувањето на оваа сезона го напушта кормилото на „црвено-црните“. Младиот стратег во редовите на поранешниот европски шампион пристигна во незгодно време, односно во период во кој клубот беше во големи проблеми, како резултатски така и финансиски, но сепак е пред нова двојна круна на домашна сцена и сè уште е во игра за трофејот во СЕХА лигата.

На оваа тема свој коментар даде капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов. Кружниот напаѓач по вечерашниот пораз од Еурофарм Пелистер за Gol.mk изјави дека ќе биде голема грешка доколку раководството на клубот не се премисли и не му понуди нов договор на Алушовски.

„Прво не знаеме кој ќе биде новиот тренер на Вардар. Јас уште сум оптимист дека Алушовски ќе остане. Не сакам да ја критикувам јавноста, но треба да бидеме реални. Овој Вардар нема квалитет за големи дострели. Ова беше само еден вид на тест да видиме што чини, а што не во ростерот, па потоа полека да го вратиме Вардар на местото каде што припаѓа. Не се прави тоа преку ноќ, со купување на нови десет играчи. Мислам дека е голема грешка тоа што Алушовски си заминува, човек кој многу го почитувам. Многу го сака ракометот, го разбира и мислам дека е на прав пат и од натпревар во натпревар беше сè подобар во водењето на тимот. Мислам дека претседателот прави грешка и се надевам дека таа грешка ќе ја увиди до крајот на сезоната и нема да го врати клубот десет години назад“, изјави капитенот на Вардар.

<<< ПОВРЗАНО - Стоилов: Имавме осцилации во играта, Еурофарм Пелистер ги казни грешките

На гостувањето во Битола, вардарци загубија со 29-25, но остануваат во пол-позиција за трофејот во Суперлигата.