Стојковска го наполни Фуксе Берлин и го искачи Цвикау на второто место

Екипата на Цвикау, за која настапува македонската ракометарка Симона Стојковска, продолжува со одличните партии во втората Бундеслига и изминатиов викенд славеше на еден од најзначајните натпревари од досегашниот дел на сезоната.

Иако како гостин, Цвикау успеа да го сруши големиот ривал за највисок пласман во шампионатот Фуксе Берлин, кој по многу борба и израмнет дуел беше совладан со минимални 30-31. 

Нашата ракометарка повторно блескаше на германскиот паркет и беше една од најзаслужните за големата победа. Симона беше незадржлива за домаќинот и натпреварот го заврши со девет постигнати гола, со што ја потврдува својата одлична форма и останува меѓу најдобрите стрелци во Цвикау. 

Со оваа победа Цвикау се искачи на втората позиција на табелата со 16 бода, два повеќе од Фуксе Берлин, а четири помалку од лидерот Хале.