Стојковиќ: Сакаме да се покажеме добро на сите четири фронта

Пивотот на Алкалоид, Марко Стојковиќ, е задоволен од текот на подготовките во Маврово и верува дека тимот ќе биде максимално подготвен за новата сезона, во која клубот ќе настапува на повеќе фронтови. Еден од клучните играчи во составот на Алкалоид истакна дека најважно во овој период е што сите ракометари работат без здравствени проблеми.

„Засега подготовките се одвиваат одлично. Сите сме здрави и тоа е најважно. Работиме напорно на физички, тактички и психолошки план за да одиграме успешна сезона и да бидеме подготвени за сите предизвици што нè очекуваат“, изјави Стојковиќ.

Тој нагласи дека амбициите во клубот се високи и дека Алкалоид ќе атакува на добри резултати во секое натпреварување.

„Сите имаме високи цели и сакаме да бидеме успешни на сите фронтови. Во клубот владее одлична атмосфера и секој е подготвен да го даде својот максимум. Во текот на паузата работевме по индивидуални програми, па на подготовките дојдовме добро подготвени и затоа задачите полесно се исполнуваат“, додаде ракометарот.

Стојковиќ се осврна и на новите засилувања, кои според него ќе донесат дополнителен квалитет во ростерот.

„Добивме тројца нови играчи со големо искуство и многу одиграни натпревари. Ние што сме подолго време во клубот добро се познаваме, а новите брзо се вклопуваат. Хемијата во тимот е одлична и сигурен сум дека подготвени ќе ги дочекаме сите предизвици што ни претстојат“, порача Стојковиќ.

Алкалоид го чекаат уште неколку пријателски натпревари до првиот официјален натпревар во Регионалната лига.