Стојковиќ: Не се задоволуваме само со учество во финалето!

Екипата на Алкалоид пристигна во Атина, каде ќе го одигра првиот финален натпревар против АЕК во Европскиот куп на ЕХФ. 

Избраниците на Кирил Лазаров минаа долг пат до грчката престолнина, но сите во неговиот табор се расположени за добар резултат пред реваншот во Скопје. Своето видување го изнесе и Марко Стојковиќ, кој најави голема борба за освојување на трофејот. 

„Максимално ќе се подготвиме. Работиме напорно неделава за претстојните натпревари од финалето на ЕХФ Куп. Ќе одиме на победа на двата натпревари, како и секогаш. Сите знаеме што значи да се игра финале.

Сакаме да го освоиме Купот, тоа не е мала работа. Нормално е да има позитивен притисок, не се задоволуваме со тоа што стигнавме до финале, сакаме да го направиме и тој последен чекор.

Ако играме сите максимално посветено и ангажирано, имаме шанса да оствариме позитивен резултат“, вели Стојковиќ.

Првиот финален натпревар помеѓу АЕК Атина и Алкалоид ќе се одигра на 18 мај, а почетокот е закажан за 18:00 часот.