Стојановиќ: Спортски и пријателски си одам од Охрид, со нови амбиции и предизвици

Предводникот на ГРК Охрид, Раде Стојановиќ по крајот на сезоната ќе замине од клубот. Екипата од крај Охридското езеро ќе мора да пронајде нов предводник, откако Стојановиќ по три години во клубот реши дека е време за нова авантура. 

Во својот престој во Охрид, македонскиот стручњак успеа да склопи респектабилна екипа која игра во плеј-офот на Суперлигата, а се покажа дека секогаш знаат како да играат против фаворитите. По повод заминувањето, Стојановиќ зборуваше за Gol.mk. Тој се заблагодари за периодот минат во тимот, добрата атмосфера и му посака успех на Охрид во иднина.

„После три години заминувам од Охрид. Благодарен сум на сите инволвирани во клубот во овој период, имаме одлична соработка, среќен сум поради тоа, напредував и јас како тренер и тие како екипа, мислам во поглед на професионалноста во секој сегмент од ракометна игра. Знам колку сработивме, дека тренажниот процес во клубот го кренавме на едно повисоко ниво на професионалност и секоја година вклучувавме играчи од младинскиот погон.

На ГРК Охрид му посакувам да расте уште повеќе како клуб, тоа го заслужува публиката, а посебно навивачката група „Рибари“, кои се играч плус на секој натпревар.

Сите опции се отворени за мојата иднина. Преговарам со клуб од странство, најверојатно ќе имам понуда и од клуб од домашното првенство, но нема да брзам. До крај максимално и професионално ќе се посветам на Охрид“, изјави Стојановиќ. 

Претходно во својата кариера Стојановиќ се препорача во ГРК Охрид преку вториот тим на Металург. Сепак, иако има само 43 години веќе созреа во добар стратег и сега се реши дека е време за нов предизвик.