Стојановиќ и Охрид ќе ги започнат подготовките на 27 јули

Ракометните клубови од Македонија полека се враќаат на тренинзите во пресрет на новата сезона. Екипата на Охрид откри дека ќе започне со подготвителниот период на крајот од овој месец. Се очекува сите членови да бидат дел од стартот на 27 јули.

Подготовките воглавно ќе се одржуваат на домашен терен во Охрид, а тимот го потврди и учеството на традиционалниот турнир во Струга. Охриѓани ги сочуваа своите најдобри играчи и на чело со тренерот Раде Стојановиќ ќе атакуваат на плеј-оф завршницата во домашното првенство.

„Последните денови од јули месец ќе ги искористиме да се прилагодиме на условите бидејќи сите во клубот добро се познаваме. Со јако темпо ќе стартуваме на 3 август. Ќе работиме на неколку сегменти наеднаш. Сигурен сум дека ќе ги исполниме планот и максимално подготвени ќе бидеме за стартот на Супер лигата. Контролни средби ќе одиграме на турнирот во Струга каде го потврдивме учеството и уште неколку со екипи од нашиот шампионат“, изјави тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.

Заради одлуката да се почитуваат европските места од минатата сезона, Охрид нема да игра во ниту еден од евро-куповите.