Стојановиќ е нов тренер на Тримо Требње, промовиран и Лесјак

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Радослав Стојановиќ, има нов клупски ангажман и вторпат ќе води странски клуб. 

Стојановиќ ја презема клупата на Тримо Требње, каде што ќе го наследи легендарниот Урош Зорман. Клубот го промовира македонскиот стратег кому му ја довери клупата за следната сезона. Директорот Тони Јанц реши да проговори за својата одлука да го ангажира Македонецот. 

„Бевме импресионирани од неговата работа со младите. Гледаме голем потенцијал во него. Тој може да биде човекот што ќе ги отвори вратите за младите во Тримо. Се докажа водејќи го Тиквеш, а добро го познава словенечкиот ракомет бидејќи играше тука. Во клубот бевме на мислење дека Стојановиќ ќе извлече максимум од овој тим“, изјави Јанц.

Покрај промоцијата на Раде Стојановиќ, Тримо се пофали и со неколку нови имиња. Меѓу стативите на тимот застанува доскорешниот голман на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, а потпишани се Јанез Гучек и Матис Пип.