Стоилов: Со Киелце се исцрпивме, ама дома секогаш одиме на триумф

Дуелот со Мотор Запорожје во СЕХА-лигата од таборот на Вардар го најави и капитенот Столе Стоилов. Кружниот напаѓач истакна дека целиот тим чувствува замор од напорниот меч со Киелце во ЛШ, но и покрај тоа ќе се атакува на победа затоа што се игра дома.

„Мислам дека дуелот со Мотор ќе биде тежок, затоа што Киелце имавме исцрпувачки натпревар. Многу играчи го носат товарот, може малку да калкулираме на оваа средба за да се одмориме. Но и покрај сите фактори што ги споменав одиме на победа затоа што играме дома“, изјави Стоилов.

Вардар истовремено посакува одмазда затоа што минимално загуби на дуелот во Украина кој беше прв меѓусебен во СЕХА-лигата на овие две екипи. „Црвено-црните“ ќе излезат на мегдан со Мотор в среда од 20:15 часот.