Стоилов позитивен на ковид-19, ја пропушта Црна Гора!

Македонската репрезентација на дуелот со Црна Гора нема да може да смета на искусниот Стојанче Стоилов.

На последното тестирање, нашиот кружен напаѓач добил позитивен тест. Поради тоа ќе замине во изолација и нема да се појави на теренот на денешната средба со Црногорците.

Еден од најдобрите играчи на Македонија нема да игра и против Данска, натпревар кој може да се покаже како клучен во борбата за следната рунда на шампионатот. Добра вест е достапноста на Никола Митревски, кој ги надмина ковид-проблемите и ќе биде меѓу стативите за втората средба на првенството. 

Позитивни од тестирањето на десетти јануари во Скопје беа и Кизиќ, Ојлески, Младеновиќ и кондициониот тренер Баснарков. Сите четворица чекаат два негативни теста за да можат да се приклучат кон стожерот на репрезентацијата. 

Избраниците на Кирил Лазаров загубија од Словенија во првото коло. Сега ќе мора да ја победат Црна Гора, ако сакаат да ги задржат шансите за втората фаза на ЕП 2022.