Стоилов: Не славиме премногу заради повредата, титулата е за Дисингер

Gol.mk на SEHA Final 4

ППД Загреб веќе има комплекси од вардарци со трет пораз во краток временски период. Вечерва во дуел без многу ракометна убавина, капитенот Стојанче Стоилов потврди дека е лидер и одигра моќно влегувањето од клупата.

Пак капитенот беше автор на голот на финалето, а му го препушти и подигнувањето на пехарот на Карачиќ, кому ова му беше последен натпревар за Вардар во СЕХА лигата.

„Немам зборови. Трета титула по ред, петта од осум во СЕХА лигата. Натпреварот беше исполнет со груба игра, но ние тоа го очекувавме. За жал во оваа победа нема преголемо славје, бидејќи го загубивме Дисингер. Оваа победа му ја посветуваме на Дисингер“, рече капитенот на Вардар.

Карачиќ и Стоилов со по пет титули и Дибиров со четири круни се на врвот на инвидуалната листа на СЕХА лигата. Кој знае дали и следната сезона Стоилов ќе го брани трофејот, со оглед на тоа што Карачиќ сигурно заминува и следната сезона ќе го носи дресот на Киелце.

  • Церемонијата на прогласување на победниците: 

Вардарци утре се враќаат во нашата земја, а некои од интернационалците се упатија кон стожерот на своите селекции.