Стоилов: Имавме осцилации во играта, Еурофарм Пелистер ги казни грешките

Ракометарите на Вардар го загубија дербито со Еурофарм Пелистер во Битола (29-25), но сè уште се во пол позиција да го обезбедат шампионскиот трофеј во Суперлигата. Ако ги исполнат очекувањата и ги добијат последните четири кола, вардарци ќе се закитат со највисокото одличје во мак-ракометот. 

<<< ПОВРЗАНО - Столе: Се надевам Михајло нема да го смени Алуш и да го врати Вардар десет години назад!

По натпреварот во градот на конзулите, свое мислење за натпреварот даде капитенот Стојанче Стоилов. Кружниот напаѓач на Вардар го изрази своето незадоволство и го изнесе своето мислење за натпреварот, но и сезоната. 

„Имавме премногу осцилации во играта денес, можеби се должи на непотребното опуштање. Имавме многу промашени зицери, а Пелистер добро си ја заврши работата и обезбеди победа. Радовиќ беше спонатано изненадување, тоа беше новост во нивната игра. Сепак, мислам дека многу промашувавме и не можевме да бидеме конкуренти во таква ситуација. 

Мислам дека ниту Вардар ниту Пелистер не го извадија максимумот од екипите оваа сезона. Ние имавме доста проблеми на стартот на сезоната, нови играчи кои мораше да се воиграат. Имавме два нови средни бекови на кои им требаше време, а како течеше сезоната тие играа сè подобро. Двајцата имаа пехови, кога беа на максимумот фаќаа корона и се повредуваа. 

Незадоволен сум, не сум навикнат на ова, ама ова не беше лоша сезона. Игравме во ЛШ со Веспрем, загубивме со огромна разлика, ама да бидеме реални разликата меѓу двата тима во овој момент е огромна. Во однос на Пелистер, мислам дека Вардар е во пол-позиција поради искуството. Сепак, следната сезона ќе биде неизвесно првенството, а искрено се надевам дека ќе биде така за доброто на мак-ракометот“, ни изјави Столе. 

„Црвено-црните“ веќе ја обезбедија Куп-титулата токму против пелистерци, па во првенството ќе бркаат двојна круна како утеха за лошата сезона во Лигата на шампионите.