• Зоран Мишевски

Три месеци пред истекот на „Платформата за ракометна Битола“, двата акционери ставија потпис на нов договор. Претседатот на клубот, Зоран Стерјев, не го криеше задоволството, потенцирајќи дека ова обединување ќе му донесе само бенефит на клубот. Стерјев рече и дека е убеден дека и во следната сезона Битола ќе биде на мапата на градовите кои ќе имаат претставник во Лигата на шампионите.
„Оваа платформа можеби ќе биде малку поразлична, од аспект што и досега беше платформа на обединување, меѓутоа овој период покажа дека тоа обединување станува уште поголемо. Кон платформата очекуваме дека ќе се приклучат и други стопански субјекти кои што веќе го најавуваат своето присуство на платформата и тоа е она што посебно радува, што платформата и со својата успешност покажа, докажа дека тоа е патот кој треба да го трасираме и патот по кој што треба да се движиме за успех и во спортот и во градот“ рече Стерјев.
Кажа дека амбициите се големи, дека секога година се подигнуваат за одреден степен. Таргетите, како што вели тој, се освојување на сите титули во нашата држава, достојно и квалитетно претставување во европските купови и дека е убеден дека тоа повторно ќе биде Лига на шампиони затоа што овој град, оваа публика, момците кои што се дел од екипата и на крајот сите ние, заслужуваме да останеме еден од шеснаесетте градови каде што се игра најквалитетниот ракомет во Европа, а со тоа и во светот.
Првиот договор беше четиригодишен и беше потпишан во 2020 година, па беше продолжен на уште две години во 2024 година. Кон проектот при оваа трета епизода се приклучија и повеќе спонзори кои ќе му дадат значај на растот на клубот од Битола.
