Стерјев: Лино носи стабилност, со него пак да бидеме европски ракометен центар!

Зоран Стерјев, првиот човек на Еурофарм Пелистер, изрази задоволство од постигнатата соработка со Лино Червар, хрватскиот трофеен стручњак кој по осум години се враќа во Македонија. Поранешниот селектор на нашиот национален тим и тренер на Металург, пак ќе има авантура во нашата земја, во град со богата ракометна историја.

Очекувањата со Лино се високи, што потврдува и раководството.

„Отвораме ново поглавје во длабоката и голема историја на овој клуб, со кое што ќе ја трасираме иднината да биде уште поубава, поуспешна. Сметам дека изборот на Лино Червар е вистинскиот избор, којшто ќе ни помогне на овој пат. Со господинот Червар ние веќе неколку години сме во интензивен меѓусебен контакт. Како и за сè во животот, така и за оваа работа требаше да се спојат сите „коцки“ и да се усогласиме за наша соработка, на која јас сум исклучително горд и задоволен.

Сметам дека ангажманот на Червар ќе биде од неколкукратно позитивно значење, пред сè заради стабилноста која ќе ја добие првата екипа. Ние се усогласивме меѓу другото дека во животот процесот на учење е доживотен и дека сите треба да учиме, секој од секого и на тој начин да се воздигнуваме и да одиме напред. Јас сум убеден дека сите ние во клубот ќе имаме што да научиме од знаењето и искуството на Лино Червар. За првата екипа тоа ќе значи огромна стабилност, она што и сега во моментот Червар го кажува, ќе бидеме поразлични од сите. Тоа е возбудата што и кај мене се подигнува на највисоко ниво.

Она што особено ме радува со овој стручњак е што ќе придонесе за „раѓање“ на нови играчи на овие простори. Ние во клубот имаме одлични младински, кадетски, пионерски школи. Еурофарм Пелистер 2 исто така работи на развој на нови играчи, меѓутоа неговото искуство и тоа како ќе помогне за дел од играчите, големите таленти, се преточат во светски ракометари и лидери. Сите ќе имаат придобивки и клубот и градот и играчите.

Очекувањата се големи, амбициите како и секогаш се на највисоко ниво. Зад себе оставивме една прилично стресна сезона, за која што сè уште ќе ни треба време за целосна евалуација да ги донесеме крајните заклучоци. Не бевме успешни во остварувањето и реализацијата на целите кои ги поставивме пред себе и за тоа треба да бидеме свесни и реални и да ги пронајдеме причините зошто тоа не се направи, затоа што само на таков начин ќе може да се вратиме кон реализацијата на високите цели. За следната сезона тоа се „двојната круна“ во Македонија и што е можно подобар настап во Европа.

Со оглед на тоа што како играчки потенцијал што го имаме и стручноста на стручниот штаб, на чело со Червар, мислам дека тие зацртани цели се реалност и дека со една макотрпна работа и професионалност, ќе успееме во наредната година повторно трофеите од македонското првенство и Куп да ги вратиме во нашиот град и пак да бидеме ракометен центар во Европа, терен на којшто и најголемите екипи тешко ќе можат да ги остварат своите цели“, изјави Стерјев.

Еурофарм Пелистер во новата сезона на домашна сцена влегува како вицешампион, додека во Европа ќе настапи во групната фаза од второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Европската лига.