Стерјев: Имаме стратегија за следните 5 години, разговараме со сите македонски репрезентативци!

Имаме стратегија за следните 5 години, разговараме со сите македонски репрезентативци!

Ексклузивно интервју

Проф. д-р
Зоран Стерјев

Претседател на
РК Еурофарм Пелистер

I дел

Чекор по чекор, скалило по скалило, Еурофарм Пелистер се доближува до остварување на целта, комплетирање на мега-проектот кој секојдневно расте, па денес дури и се споредува со најдобрите македонски клубови во историјата. Започна како нов, млад клуб, но брзо изгради имиџ, наметна стил и прокнижи успеси со кои најнапред ја замени улогата на Металург како предизвикувач на Вардар, а сега сака и комплетно да ги смени улогите со европскиот првак. Откако на крајот од минатата година се реализира „Платформата за ракометна Битола“, клубот го доби и единственото „парче во мозаикот“ кое му недостасуваше. Го доби брендот препознатлив надалеку, ги доби навивачите и обединетоста на цел град, а оформи и услови и буџет достојни да го нападне до неодамна непобедливиот Вардар.

И секако дека за ова качување кон врвот заслуги делат многу луѓе. Но, ништо не ќе беше исто без идеологот и визионерот на новата ракометна приказна во Битола – претседателот на Еурофарм Пелистер, проф. д-р Зоран Стерјев. Кога на претседателот ќе му го забележите сјајот во очите на еден натпревар, целата таа пасија и позитивна трема пред и за време на мечот, инстантно ќе ја видите и неговата амбициозност, која нема како да не го носи проектoт напред. Оваа страст го карактеризираше проф. д-р Стерјев и додека ни ги откриваше и елаборираше своите планови за иднината – сите идеи како да го надгради проектот и по неполни петнаесет години да ја врати титулата во Битола.

Ретко кој македонски клуб толку брзо дојде до групната фаза на ЕХФ Купот и групната фаза на Лигата на шампионите, како Еурофарм Работник, денес Еурофарм Пелистер. Во двете натпреварувања имаше блесоци, оставивте траги и достојно се претставивте. Како од денешна перспектива гледате на тие искуства? Задоволни ли сте? Можеше ли повеќе?

„Иницијативата на Силјан Мицевски, Благоја Стефановски, Иван Марковски и Александар Зарков за реактивирање на РК Работник од Битола многу брзо ги надмина првичните цели и почна да се создава една успешна ракометна приказна.“

Од денешен аспект, доколку се анализира патеката на растење и успеси на поранешниот клуб Еурофарм Работник, секако дека задоволството треба да биде огромно кај сите нас кои во изминатите години активно учествувавме во создавањето на таа убава спортска приказна. Тоа е период во кој се вложени многу работа, енергија, страст и љубов. Тоа се години проткаени со голем број блесоци, успеси, задоволство, но и падови, нервоза и мачни ситуации.

Иницијативата на господата Силјан Мицевски, Благоја Стефановски, Иван Марковски и Александар Зарков за реактивирање на РК Работник од Битола, со цел создавање услови за квалитетна работа со млади категории многу брзо ги надмина првичните цели и почна да се создава една успешна ракометна приказна.

Дали можеше повеќе? Мојот карактер е безусловен поддржувач на тоа дека секогаш се може и повеќе и подобро. Така е и во овој случај, но она што создава сатисфакција е фактот дека, анализирајќи ги изминатите години, процентуално можевме и повеќе и подобро, но не за повеќе од 20%. Како и да е, ќе повторам уште еднаш, мислам дека сите кои учествувавме во тој проект од самиот почеток до денес (не ги набројувам луѓето затоа што не би сакал некого да пропуштам) треба да бидеме задоволни од постигнатото.

Веќе започна планирањето на новата сезона. Доведувањето на Танкоски и Периќ побуди добри вибрации кај фановите, но заминувањата беа изненадување за некои. Како се одвива преодниот рок и каков ростер очекувате следната сезона?

„Моќната ракометна Битола, заеднички, обединети, ја вративме на ракометната карта на Европа. Имаме јасна стратегија за делување во наредните 5 години, но и услови и амбиент кои дозволуваат реализација на таа стратегија.“

Планирањето за новата сезона започна многу поодамна. Ние уште во јуни 2019 година се договоривме и потпишавме четиригодишен професионален договор со Марио Танковски, со важност од јули 2020 година. Големиот хрватски ракометен талент, кој игра на десната бековска позиција, Матео Мараш, го договоривме во декември 2019 година. Со сите наши играчи, за кои одлучивме дека ќе ја продолжиме соработката, разговорите ги почнавме во октомври 2019 година. Она што создава особено задоволство од денешен аспект е дека веќе сме профилирани како квалитетно препознатлива ракометна средина, а тоа овозможува да менаџираме со трансфер подготовките, што не беше случај во изминатите години.

Порано условите не дозволуваа реализација на зацртаната стратегија, затоа што неизвесноста и недокажаноста на проектот беа голема пречка да се реализираат сите трансфери кои сме ги посакувале. Денес, ситуацијата е сосема поразлична. Во изминатите години покажавме резултати во работењето, се потврди стабилноста на проектите и дополнително моќната ракометна Битола, заеднички, обединети, повторно ја вративме на ракометната карта на Европа.

Имаме јасна стратегија за делување во наредните 5 години, но и услови и амбиент кои дозволуваат реализација на таа стратегија. Ако пред 2-3 години не бевме во можност да преговараме за подолг престој на играчите кај нас, сега за нас е неприфатливо договор за професионално играње кој е пократок од две години. За играчи за кои сме уверени во нивниот квалитет, инсистираме на договори од четири години. Нашиот таргет во овој момент се најпотенцијалните и најдобрите македонски ракометари и репрезентативци, кои имаат квалитет и желба за високи ракометни дострели. Потоа, екстра талентирани млади играчи кои бараат вистинска средина за ракометно докажување и ракометари кои се во најпродуктивна ракометна возраст, кои имаат репрезентативно искуство, искуство во Лигата на шампионите и ЕХФ Купот и кои се докажале во некоја од познатите европски првенства, како што се Бундеслигата, шпанското, француското или унгарското првенство.

Таков играч е Јосип Периќ, кој со своите 26 години, докажан репрезентативен статус на големите натпреварувања и докажан квалитет со своите двегодишни настапи во Бундеслигата, во потполност ги задоволи нашите поставени критериуми. Од декември до денес сериозно сме дискутирале и сме анализирале повеќе од 30 играчи кои биле понудени кај нас. Првичната евалуација ја прават стручните лица во клубот, кои имајќи ги во предвид критериумите од нашата стратегија и сопствената визија за ракометната игра, потоа предлагаат кој од тие играчи може да дојдат во предвид за евентуален трансфер. Многу темелно и сериозно се пристапува кон секој еден играч, затоа што можноста за грешка треба да биде сведена на минимум. При тоа, треба да се биде и објективен и да се има во предвид дека ние не сме средина која е нешто многу примамлива за особено квалитетни играчи. Факт е дека во Битола живеат голем број вистински заљубеници во ракометот, факт е дека Битола ги има најдобрите ракометни навивачи и познавачи на ракометот, но и факт е дека потребната ракометна инфраструктура во градот е на ниско ниво и тоа создава сериозен проблем кај играчите. Верувајте дека тоа е ненадоместлив проблем за играчите.

Еве чисто за пример, Ловро Јотиќ беше една година со нас и имавме добра соработка. Тој ја одигра својата најдобра сезона во Битола, беше среќен од ракометната средина, од навивачите и љубителите на ракометот. Од нас доби понуда за продолжување на соработката, согласно договорот кој беше потпишан на една плус една година. Ве уверувам дека финансиските услови беа одлични. Според мои информации (се извинувам ако не се точни, но потврдени ми се од две страни) ние имавме и подобра понуда од финансиски аспект во однос на Бенфика, но едноставно неговото незадоволство од условите кои се поврзани со ракометната инфраструктура и средината пресудија. Тоа е сериозен проблем кој доколку не се разреши, може многу да влијае на идните резултати и успеси. Тренерот Бабиќ откога дојдe кај нас постојано замолува да се работи колку е можно повеќе на подобрување на инфраструктурните можности кои се основен предуслов за врвен ракомет. Она што создава надеж е дека постојат мошне сериозни ветувања, проекти и можности искажани од надлежните органи дека доаѓаат подобри времиња во тој поглед. Јас во оваа прилика би сакал уште еднаш да апелирам дека сите заедно треба да придонесеме за надминување на тие проблеми. Тоа се сериозни проблеми кои влијаат на нашата сегашна реалност, но позначајно од сè, влијаат и на нашата иднина. Како да се создадат добри и врвни спортисти, во нашиот случај ракометари, кога немате инфраструктура за тоа?

За многумина изненадувања беа заминувањата на најдобриот стрелец во Лигата на шампионите, Владислав Остроушко и голманот Никола Митревски. Како дојде до разделбата со овие ракометари?

Што се однесува до заминувањето на Остроушко, би кажал дека со Владислав бевме договорени уште од почетокот на оваа година, дека нашата соработка во месец јуни ќе заврши. Причината за тоа лежи во различни концепти и сфаќања на ракометната игра, кои Влад ги има, наспроти визијата и концептот на стручниот штаб. Она што сакам да го напоменам е дека Владислав Остроушко остави прекрасни спомени во нашата средина и многу придонесе за успешноста на приказната, поради што сме му особено благодарни.

„Цело време го убедував Митревски дека во овој момент тој најмногу заслужува како капитен да ги крене пехарите кои треба да ги вратиме во Битола, но за жал неговата одлука беше дека ќе ја продолжи кариерата во друг клуб.“

Што се однесува до Митревски, морам да признаам дека неговото заминување е нешто што лично мене можеби и најмногу ме погоди во овој изминат период. Првично, разговорите за продолжување на заедничката соработка ги започнавме, лично јас со него, уште во месец ноември 2019 година. Тогаш, на негов предлог, се договоривме да ги продолжиме разговорите по завршувањето на Европското првенство. По шампионатот во Австрија, следеше првична понуда, по којашто не се реализираа дополнителни разговори сѐ до средината на месец април, кога од наша страна беше побарано да се интензивира постигнување на договор. Морам да признам, јас цело време очекував дека некако заеднички го препознавме моментот поврзан со ракометот во нашиот град и дека остана да се договорат само финансиските и техничките услови за продолжување на соработката. Но, во тој период почнаа да стигнуваат понуди за голман во нашиот клуб и уверувања од менаџери (за кои јас и од денешен аспект не сакам да верувам) дека ние имаме потреба за нов голман затоа што Митревски веќе потпишал со друг клуб.

Следеа интензивни разговори меѓу нас, во кои Никола ме убедуваше дека не потпишал договор, но дека има понуди и сериозно размислува да прифати некоја од нив. Со оглед на сензитивноста на моментот, за секој еден искрен љубител на ракометот во Битола, би сакал да изнесам и некои детали од преговорите. Последната понуда која што му ја дадовме на Митревски се состоеше од тригодишен договор, капитенска лента и статус на лидер на екипата (нешто што несомнено го заслужува), ангажман во клубот по завршување на кариерата и според нас одлични финансиски услови кои не се разликуваа многу од оние кои тој ми кажа дека ги има како понуда. При тоа, Митревски цело време потенцираше дека за него финансиските услови не се и никогаш ниту биле приоритет. Заедно ги дискутиравме и слабостите со кои се соочуваме како клуб и за кои сме свесни и секојдневно интензивно работиме да ги надминеме. Јас цело време се обидував да го убедам дека во овој момент тој најмногу заслужува како капитен на екипата да ги крене пехарите кои треба да ги вратиме во Битола, но за жал неговата крајна одлука беше дека ќе ја продолжи кариерата во друг клуб. Јас му посакувам многу здравје и спортски успеси во новата средина, иако моето лично убедување во однос на неговото останување во Битола се разликува од неговата крајна одлука. Како и да е, тоа е и непријатен удар за клубот, но јас ве уверувам дека поставеностите на структурите и работите во клубот се на ниво што ќе овозможи секогаш клубот да се издигне над секој проблем и предизвик и да биде уште посилен. Ние во овој момент во клубот имаме квалитетни голмани. Само во изминатите десет дена нè исконтактираа пет голмани со огромни и докажани квалитети. Клубот и екипата не се и никогаш не треба да бидат зависни од една индивидуа, независно дали тоа е играч, тренер, претседател. РК Еурофарм Пелистер е и мора да биде институција.

Секоја сезона бројот на репрезентативци во ростерот на Еурофарм Пелистер расте. И македонските се многубројни. Размислувате ли за уште некој македонски репрезентативец за следната сезона: Талески, Георгиевски, Пешевски, Костески?

„Отсекогаш сме се залагале костурот на екипата да се темели на македонски репрезентативци. Битола и Пелистер отсекогаш биле и треба да бидат стожерот на нашата репрезентација.“

Отсекогаш сме се залагале костурот на екипата да се темели на македонски репрезентативци. Ние имаме квалитетни играчи, кои со ништо не заостануваат зад играчите од другите земји. Впрочем, успесите на нашата репрезентација во изминатите години се доволен показател за тоа. Битола и Пелистер отсекогаш биле и треба да бидат стожерот на нашата репрезентација. Ние така размислуваме и така делуваме. Во изминатиот период сме разговарале скоро со сите. Со Талевски во неколку наврати разговаравме за можна соработка, иако кај него играњето во Бундеслигата се чини преовладува како фактор на одлука. Кузмановски е секогаш на нашиот радар, Пешевски имаше одлична сезона во Штутгарт и има уште една година договор. Но, на тема заедничка идна соработка ние разговараме веќе подолг период. Костески е огромен талент, од кој никогаш нема да се откажеме. Има и други наши репрезентативци, со кои разговараме и заинтересирани сме за наша идна заедничка соработка.

Интерес кај сите љубители на ракометот буди и можната соработка со Кирил Лазаров и тоа е сосема легитимно, особено ако се земе предвид откаде започна неговата блескава ракометна кариера. Ние имаме меѓусебен коректен однос, огромно почитување. Сите можности се отворени, но се разбира евентуална соработка ќе зависи, најмногу од неговите планови по доигрувањето на идната сезона, кога и му завршува договорот со Нант. Доколку постои и најмала шанса за негово враќање како играч во нашата држава, ние ќе се обидеме истата да ја искористиме. Се разбира во рамките на реалните можности.

Но, она што мене многу ме загрижува, што се однесува до репрезентацијата, е што во овој момент во младите репрезентативни категории, од Битола има само два или три играчи и тоа е објективен проблем кој мора да се надмине. Надминувањето на таа ситуација примарно бара овозможување на услови и квалитетна работа со млади категории. Не е доволно само да се раѓаат ракометни таленти, некој треба сериозно да работи со младите екипи, за да израснат добри играчи. Мора да ја погледнеме вистината в очи. Во овој момент, нашите младински, кадетски, пионерски екипи не се на соодветно квалитетно ниво. Објективноста е дека струката и ракометните стручњаци се тие кои имаат најголем придонес во надминување на таа ситуација.

Се предвидува неизвесен шампионат, па можеби и првпат трка на три екипи за титулите. Кои се предностите на Вардар и Металург, а кои на Еурофарм Пелистер во борбата за шампионската титула и местото во Лигата на шампионите?

Јас секогаш сакам прво да се занимавам со самите нас. Нашите предности во овој момент мислам дека се квалитетот на стручниот штаб и играчите, стабилноста на клубот, огромната желба, мотив и позитивната енергија која е присутна во Битола. Секако, навивачката атмосфера која се создава во Битола, приврзаноста на навивачите и другите искрени љубители на ракометот е фактор кој секогаш ќе тежнее на наша страна.

Предностите на Вардар се секако подобрата инфраструктура, подобрите услови за квалитетен тренинг и натпревари, поголемото искуство. Нивниот стручен штаб е исто така квалитетен, во овој момент не знам каков ќе биде нивниот играчки ростер за наредната година, но ако успеат да задржат дел од сегашните играчи, особено оние кои освоија две европски шампионски титули, тоа исто така може да биде нивна предност. Квалитетот и искуството на таквите играчи е огромно, но не и ненадоместливо.

Деновиве на Gol.mk очекувајте го и вториот дел од интервјуто со Претседателот на РК Еурофарм Пелистер, проф. д-р Зоран Стерјев.

Разговараше: Зоран Мишевски
Фото: Филип Вирановски
Реализација: Михајло Михајловски