Стефан Додиќ пред потпис со српскиот шампион, ќе игра против Алкалоид во ЛЕ

Стефан Додиќ се враќа да настапува во родната Србија. По шест сезони во странство, од кои голем дел ги мина во Македонија, средниот бек е пред потпис со Војводина и ќе игра во Европската лига на ЕХФ. 

20-годишникот според сознанијата на „Balkan-Handball.com“ ги договорил условите со Војводина и се очекува да парафира со тимот кој го води Борис Ројевиќ. Така, Додиќ ќе биде опција повеќе и може да заигра против Алкалоид во групната фаза на второто по ранг европско натпреварување. 

Инаку, Додиќ доаѓа во Војводина по неколку месеци минати во Целје. Српскиот бек не успеа да се наметне во тимот на Алем Тоскиќ, па реши дека е време за нов предизвик и се сели во ланскиот освојувач на ЕХФ Купот. Додиќ низ годините важи за еден од најталентираните српски ракометари, ама данок во кариерата си зедоа и проблемите со коленото. Тој многу млад дојде во Металург, на само 14 години. Во 2019 година дебитира во Суперлигата и стана еден од носителите на играта. Потоа имаше авантура во Охрид, мина сезона во Вардар пред да замине во Киелце кој уште претходно го зеде под договор.

Сепак, бргу беше проследен на позајмица во Загреб, каде што ја мина претходната сезона и играше во Лигата на шампионите. Во април се пресели во Целје, а откако не се наметна замина од Словенија. За репрезентацијата на Србија забележа настап на претходното Светско првенство во Полска, но во моментов не е во плановите на Тони Џерона бидејќи не е во посакувана форма.