Стеауа и со осум ракометари го совлада Металург!

Македонскиот ракометен вицепрвак Металург доживеа нов пораз во СЕХА-лигата и на домашен терен загуби од романска Стеауа (28-29), која иако со десеткуван ростер, забележа петта радост во новата сезона.

По двете победи над Татран Прешов и Чеховски Медведи кои беа први успеси за младиот тим на Брестовац оваа сезона, домашните ракометари делуваа осоколени, но, сепак, брзо се вратија на стариот пат. Иако со само осум ракометари и двајца голмани, гостинот успеа да слави во Скопје, и покрај подолгата ротација на Металург и шансата да се фати противникот „на кондиција“. За Стеауа ова е петта радост, или прва против Металург оваа сезона во првиот меч.

Двата тима одиграа еден крајно изедначен меч, на крајот со хепи-енд за Романците. Се играше гол за гол 20 минути, а првпат со два гола разлика поведе Стеауа, која од 9-9 врза два гола преку Вегар и Кеџо и поведе со 9-11. Но, Металург преку Рибеиро и Шилегов се врати (11-11), а до полувремето преку Миличевиќ и Шилегов успеа да поведе со 15-13.

Стеауа повторно изедначи на стартот на вториот дел (15-15), потоа беше и 20-20, па 22-22, резултат со кој се влезе во последните десет минути, а изедначено беше и во 55. минута од средбата, кога на семафорот стоеше 26-26. Главната разлика гостинот ја направи во последните минути, кога реализира два напади преку Флореа и Јохансон (27-29), а Металург, имаше напад за реми, но не го искористи.

Најдобар стрелец кај романскиот тим беше Габриел Флореа со шест гола, а голманот Тудор Стенеску имаше дури 19 одбрани. Кај Металург најмногу се истакна Шпенде со шест гола, а Шилегов и Танковски завршија со по четири гола.

Во наредното СЕХА-коло Металург гостува кај Војводина, а претходно тимот го чекаат обврски во Лигата на шампионите, веќе утре, кога игра дома со Спортинг Лисабон.