ВИДЕО: Статива, па двојна интервенција на Лесјак – за круна на дерби-победата!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа во дербито со Вардар 1961 во рамките на првото коло на плеј-офот во Суперлигата. Пошироката ротација беше пресудна, гостинот немаше сили да се носи со расположениот ривал и во вториот дел пелистерци направија сериозна предност. Херои на победата беа Филип Кузмановски и Домен Тајник за кои вардарци немаа решение, меѓутоа и искусниот Урбан Лесјак.

Словенечкиот голман доби шанса во вториот дел, имаше неколку клучни интервенции, а на крајот фати и една двојна – за круна на победата во дербито. Матија Николиќ шутна од тешка позиција и погоди статива, топката се одби на спротивната страна до Георгиевски, а Лесјак стигна да му го одбрани ударот од крило. Пак топката дојде до гостите, Лазаревски ја фати на шест метри, ама и неговиот удар го скроти искусниот чувар на мрежата. 

Пелистерци со оваа победа го анулираа голот предност од првиот дел на сезоната кој Вардар го избори. Со овој резултат трката за титулата во Суперлигата е дополнително зачинета.