• Мартин Танасковски
Женската македонска ракометна репрезентација до 20 години го заврши настапот на Светското првенство (СП) за младинки кое се игра во Скопје. Нашиот национален тим е 16-ти во светот, а ова се статистичките параметри по крајот на шампионатот.
Наши најдобри стрелци се Емилијана Ризоска и Ива Младеновска. Ризоска е на делба на 17-тата позиција на шампионатот кој ги чека завршните натпревари со вкупно 35 постигнати гола на седум натпревари, додека Младеновска е на 31. позиција со 33 гола.
Шест од своите голови Ризоска даде од крилна позиција, десет ѝ беа од пенал, еден од девет метри, два од шест метри, три од влез и 13 од контранапади. Првенството го заврши со шут 35/56 и 63% ефикасност. Младеновска, пак, даде дури 24 гола од девет метри, еден и беше од шест метри, шест беа од влез и два од контранапади. Бекот на француски Брест имаше 49% ефикасност во шутот (33/68).
Кај шутерите по најдобар процент на шут се најде Борјана Коцева. Капитенот на македонската ракометна репрезентација го заврши СП У20 со 30 постигнати гола од 40 обида, или ефикасност од 75% во шутот. Коцева подели и 18 асистенции, просек 2,5 по натпревар, тоа ѝ го донесе 24 место кај асистентите.
Најмногу две минути се изнудија од страна на Младеновска и Коцева, двете изнудија по шест прекршоци за санкција. Најфаулирана за пенал беше Коцева која изнуди девет удари од седум метри на седумте натпревари. Кај украдените топки најдобра беше Сара Стефаноска со девет украдени топки и е на делба на осмата позиција на листата, а Коцева имаше една помалку - вкупно осум. Најмногу исклучена во нашиот тим беше Борјана Коцева со шест санкции на седум средби.
Убедливо прво име на Македонија на овој младински шампионат е голманката Матеа Чурлиновска. Девојката која трипати беше прогласена за МВП на натпреварите на Македонија се најде на шестото место по број на одбрани (77/216), имаше 36% ефикасност меѓу стативите, а во просек 11 одбрани по меч.