• Горан Упале

Македонскиот ракометен тренер Аце Станковски со стартот на подготовките со Куманово отвори ново поглавје во својата кариера. Откако поминаа скоро месец дена од почетокот на подготовките со тимот, Станковски даде свое видување од досега сработеното од страна на стручниот штаб и ракометарите.
„Искрено задоволен сум од ангажманот на ракометарите и моите соработници во овој подготвителен период, нормално и условите кои ни ги обезбедија од управата на клубот. Се работи максимално посветено и напорно се тренира во Спортската Сала на Основното училиште "Христијан Тодоровски Карпош" во Куманово и на атлетската стаза од комплексот Соколана.
Работевме на физичката спрема со полн интензитет, а воедно и воигрување на техничко-тактички комбинации и варијанти. Останува уште малку време до стартот на новата сезона и првото коло на домашен терен со Радовиш и сигурен сум дека ќе бидеме комплетно подготвени во пресрет на премиерниот меч од првото коло“, рече Станковски.
Куманово досега одигра три пријателски средби, а пред почетокот на сезоната во план се уште две.
„На сите ракометари кои ги имам во ростерот им дадовме шанса на овие средби.Со моите соработници видовме добри и лоши работи , но тоа се е составен дел и нормално во овој подготвителен период.
Има простор за напредок, верувам во оваа екипа и се надевам дека ќе успееме со добар настап и пожртвувана игра и борба на крајот од регуларниот дел влеземе во најдобрите шест екипи“, заврши во своето обраќање новиот кормилар на Куманово.
Во првото коло од сезоната во Суперлигата екипата на Куманово на свој терен ќе се сретне со Радовиш.
