• Зоран Мишевски

Во резултаска нишалка и голема драма во текот на сите шеесет минути, Куманово го совлада Радовиш со 34-32 (15-17), во дуелот од првото коло на новата Суперлига. Дуелот во Куманово, кој го следеа неколку стотици љубители на ракометот беше на задоволително ниво, со видливо индивидуална игра кај двете екипи. Во таква бркотница и послаби одбрани од напади, подобро се снајдоа кумановчани. Ова е прва победа на Аце Станковски на клупата на Куманово, откако ова лето го презеде суперлигашот.
- Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Радовиш:
Целиот прв дел мина во знакот на израмнета игра и честопати на семафорот резултатот беше изедначен. Кумановчани немаа решение за Постолов и неговите инвидуалности и благодарение на головите на капитенот, Радовиш на одмор замина со предност од 15-17.
На почетокот од вториот дел „по нотите“ на засилувањето Бобан Каковски, Радовиш ја одржуваше предноста. Битолскиот среден бек, кој летово го засили клубот од источниот дел на земјата, играше моќно „еден на еден“ и Радовиш имаше минималец како сојузник до 47., минута. Повеќе со поединечно истакнување на Ончев, Куманово израмни на 28-28 на тринаесет минути до крајот. Голманите немаа свое попладне на двете страни, па бројот на голови беше над македонскиот просек.
Димитров и Стојков погодија од позициони акции и тимот на Аце Станковски поведе со +2 на пет минути до крајот. Помирни беа кумановчани во финишот и носени од гледачите стигнаа до тешка и значајна победа од 34-32.
Најефикасни кај Куманово беа Ончев со десет, Стојков со осум и Димевски со седум гола, додека во тимот на Радовиш се издвоија Постолов со девет и Каковски со седум гола.
ФОТО: МРК Куманово

