Српската легенда Илиќ заминува во пензија, но ќе му биде помошник на Дејвис во Веспрем

Еден од најдобрите српски ракометари во последната деценија, Момир Илиќ се реши и официјално да му стави крај на својата богата кариера. 

Некогашниот европски шампион со Кил по завршувањето на оваа сезона ја остава ракометната топка, но нема да го остави овој спорт, затоа што ќе работи како помошник на тренерот на Веспрем, Давид Дејвис Камара. 

36-годишниот бек својата кариера ја започна во матичниот Шамот, за потоа преку Колубара и Раднички од Суботица во 2004 година се пресели во Горење Велење. По две одлични сезони во Словенија и деби во Лигата на шампионите се реши за премин во германски Гумершбах, каде се задржа до 2009 година. Потоа следуваше трансфер во Кил, каде го достигна својот врв и двапати ја освои Лигата на шампионите во 2010 и 2012 година. 

Во Веспрем пристигна во 2013 година и освои четири домашни првенства, а двапати играше финале на Лигата на шампионите.