• Иван Димовски
Вардар 1961 со победата над Еурофарм Пелистер (27-24) го надмина стартниот неуспех во Суперлигата, а овој резултат најавува голема борба за титулата.
Најпрецизен во таборот на „црвено-црните“ беше Марко Срдановиќ. Левото крило на Вардар по натпреварот зборуваше за одиграното, нагласи дека мотивацијата била на огромно ниво и не го криеше задоволството.
„Не ги броев головите. Знаете како, важно е што до крај ја исполнивме целта, а тоа беше победата. Добро се подготвувавме за овој натпревар. Цела седмица имавме квалитетни тренинзи и тоа резултира со победа. Нормално е да имаш подеми и падови во текот на мечот, но важно е осцилациите да не се преголеми. Мило ми е што победивме.
Мотивацијата беше огромна. Заморот во ваквите натпревари не е изговор. Ова се мечеви од таков карактер, мотивацијата на двете страни е огромна и вие едноставно заборавате на сè при првиот судиски свиреж“, изјави Срдановиќ.
Инаку, Срдановиќ со осум погодоци беше најефикасен играч на натпреварот, а исто толку постигна и Филип Кузмановски во спротивниот табор.