Срдановиќ од пенал донесе бод, Вардар избегна пораз од Валур во ЕЛ!

Ракометарите на Вардар извлекоа реми на гостувањето кај Вардар (34-34), во рамките на петтото коло на Европската лига. И без отсутните Борозан, Еспиња и Лазаревски вардарци се изборија за заслужен бод на гостувањето во Исланд, но ги загубија сите шанси за пласман во следната фаза.

Домашните отворија добро, со два гола во вардаровата мрежа, а нашиот претставник на прв погодок чекаше до четвртата минута и реализацијата на Срдановиќ од седум метри (2-1). Со голот на Хориха вардарци израмнија (2-2), а потоа следеа две реализации на домаќините. Следеше одговор и голови на Георгиевски и Маргели за егал, се држеше Вардар близу до 7-7. Тогаш Валур врза добра серија и набргу стигна до плус три (11-8). Успеаја Исланѓаните да поведат и со максимални „плус пет“ (14-9), меѓутоа момците на Милано се консолидираа и се вратија во мечот со головите на Коиј, Срдановиќ, Хориха и Танкоски. На крајот холандскиот кружен напаѓач погоди за 18-17, резултат активен на паузата.

Стрела и Гоце Георгиевски на стартот на вториот дел за израмнување (18-18), ама пак Валур успеа да стекне два гола предност (21-19). Заигра Вардар добро и стабилно, па успеа да направи и прво водствo (23-24) преку Срдановиќ. Валур одговори добро и ја врати својата предност, пак стигна до 29-26. Сепак и македонскиот тим успеа да се стегне повторно, па Танкоски намали на 29-28. Поведоа исландските ракометари и со два разлика (32-30), меѓутоа нашиот претставник не се предаде. 

Врзаа вардарци три гола во низа преку Георгиевски, Хориха и Јагуриновски, па поведоа со 32-33. Погоди и Магнусон на спротивната страна за нов егал, а потоа Густафсон со 15. одбрана му фати зицер на Срдановиќ за ново водство. Во клучен момент беше исклучен Мело, меѓутоа Гогов фати зицер и вардарци пак напаѓаа за предност. По долг напад Јагуриновски од тешка позиција не го погоди голот, а потоа Коиј направи пенал и заработи исклучување. На седумнаесет секунди пред крајот Тордарсон го матира Гогов за 34-33. На спротивната страна Валур направи неспортски фаул и заработи црвен картон, а вардарци пенал за израмнување. Одговорноста ја презеде Срдановиќ и стрела за конечен егал.

Најефикасен играч на средбата беше Тордарсон со 11 гола за Исланѓаните, додека кај Вардар со по пет се истакнаа Георгиевски, Хориха, Маргели и Срдановиќ.

ФОТО: РК Вардар/Денис Дукоски