Србија рутински преку Словачка до место на Мундијалот

Ракометарките на Србија го минаа бараж двомечот против Словачка, откако и вторпат победија, овојпат со 32-25 и се пласираа на Светското првенство во Шпанија. Пред неколку дена Србинките славеа и на гости со 26-19, па со убедлива разлика од 14 гола се радуваат на Мундијал. 

Иако на денешниот натпребар гостите парираа целото прво и добар дел од второто полувреме, избраничките на Брегар со серија од 6-0 се одлепија и дојдоа до победа. Најефикасна беше Катарина Крпеж-Слезак и поранешната вардарка Драгана Цвијиќ со по седум гола, а со шест Ланш беше најдобра во Словачка. 

Иако Украина приреди сензација и победи во Шведска со 22-26, триумфот на Скандинавките од 14 разлика во првиот меч ги одведе на Светското првенство. Денешниот дуел во целост им припадна на Украинките, но само бидејќи Шведска мудро ги пушти да играат. Иако во еден момент поведоа со осум голови разлика и надежта се разбуди, Швеѓанките се консолидираа и рутински го завршија дуелот со благ пораз. 

Последните патнички на Мундијалот се очекува да бидат Словенките, кои вечерва го играат реваншот со Исланд и имаат десет голови предност.