Србинките ја преслушаа и Шпанија, прва радост за Холандија

Ракометарките на Србија ја забележаа втората победа на Европското првенство во рамките на А групата, совладувајќи ја Шпанија со 25-22, додека на првата победа во Б групата се израдува Холандија, која беше убедлива над Полска со резултат од 30-21.

Нашиот северен сосед, откако славеше во првото колот над Словенија, денес релативно лесно се справи и со Шпанија, со што направи огромен исчекор кон пласман во следната фаза. Победникот на мечот беше решен на почетокот на вториот дел, кога Србинките со фуриозна игра поведоа со +9 (10-19). Во продолжение „црвената фурија“ заигра подобро, но само го ублажи поразот за конечни 22-25. Крпеж со 6 и Стоиљковиќ со 5 гола беа први имиња во победничката екипа, додека Мартин даде 6 погодоци во поразениот состав на Шпанија.

Холандија по поразот во воведното коло од Германија, денес на убедлив начин и без проблеми славеше над Полска со 21-30. „Лалињата“ до прва радост на првенството ги предводеше Гос и Абинг со по 5 гола, додека во поразената екипа на Полска прво име беше Војтас со 5 погодоци.