Србија со новиот селектор го добива назад и најдобриот ракометар

Србија долго време беше без најдобриот ракометар Петар Ненадиќ, но ситуацијата како што изгледа се менува, затоа што според најавите тој се враќа во националниот тим.

Членот на Веспрем најави дека нема да игра за Србија се додека не се направат големи промени. Онаа клучната се случи, дојде странец-селектор во името на Тони Џерона, па најавен е кам-бек на најдоброто име.

„Конечно се направија вистински промени. Ќе има нова филозофија за ракометот. Ако бидам во плановите и во визијата на новиот селектор јас ќе се вратам. Физички се чувствувам добро. Ќе играм додека можам“, изјави Ненадиќ.

Србија долго време е далеку од кремот на европскиот ракомет, а последниот голем успех го имаше во 2012 година кога го освои второто место на ЕП на домашно тло.