Србија со епски пресврт ја доби Црна Гора, минимален пораз на Романија од „лалињата“

Ракометарките на Србија ја отворија главната фаза на Светското првенство со победа над селекцијата на Црна Гора од 27-25 (14-18). Иако Црногорките долго водеа, со епски пресврт избраничките на Урош Брегар дојдоа до голема и важна победа. Србија во многу наврати губеше со по четири гола дефицит, но се врати и на крај славеше. 

Јованка Радичевиќ од Црна Гора и Радојевиќ од Србија постигнаа по осум погодоци, додека Стоиљковиќ имаше седум. 

Романките сериозно ја измачија фаворизираната Холандија и загубија минимално со 31-30 (17-14). „Лалињата“ се мачеа во првиот дел, но по паузата заиграа одлично и поведоа со највисоки шест гола. Сепак, следеше опуштање кое го искористи Романија која двапати дојде до егал, за на крајот да загуби. На дуелот со по шест погодоци се истакнаа Ван Ветеринг од Холандија и Пинтеа од Романија. 

На останатите два натпревари попладнево, Норвежанките демонстрираа сила и го декласираа Порторико со 43-7, а Русија и Словенија одиграа реми (26-26).