Србија немаше сили за изненадување против Норвешка, Германија ѝ го зеде скалпот на Данска

Ракометарките на Норвешка продолжуваат да редат победи на Светското првенство во Јапонија, откако попладнево го запишаа третиот успех на овој собир. 

По Куба и Словенија пред разиграните Норвежанки падна и селекцијата на Србија, која досега беше перфектна на Мундијалот, но денес немаше сили за надигрување со големиот фаворит и на крај мораше да се задоволи со минимален пораз од 28-25.

Норвешка подобро стартуваше во Кумамото, прва го презеде водството, но Србинките за краток период се вратија во игра и поведоа со два гола разлика (9-11). Сепак, Норвешка не дозволи падот на играта да продолжи и на полувреме замина со еден гол позитива. Вториот дел започна со израмнета игра, избраничките на Обрадовиќ одлично им парираа на противникот и играа егaл натпревар, но во клучните моменти потфрлија и Норвешка заслужено стигна до победа од 28-25.

Арнтзен и Офтедал со по седум гола беа најзабележителни кај Норвешка, а во редовите на Србија шест гола постигна Лисчевиќ, додека Цвијиќ имаше пет. 

Паралелно со овој натпревар се одигра и дуелот меѓу Данска и Германија, на кој минимална победа од само еден гол извојуваа Германките (25-26). Со овој успех селекцијата предводена од Грохер е на чекор до втора фаза, додека Данска ќе мора да заигра подобро на следните два натпревари затоа што досега има скор од само една победа, едно реми и еден пораз.