Србија едвај до реми против Романија

Дуел на ракометарите на Србија и Романија

Можеби најважниот наш противник во А групата на европското првенство во Полска, Србија на Дејан Периќ синоќа во Белград го одигра првиот контролен натпревар во подготовките за континенталниот собир. Србија ремизираше со Романија 30-30 (13-17) во нервозен меч со многу исклучувања, но и многу голови. 

Дури во второто полувреме Србите го стигнаа постојаното романско водство и преку Зеленовиќ израмнија, за да не загубат. Момир Рниќ со 8 и Дарко Дукиќ и Немања Зеленовиќ со по 7 гола се издвоија во српскиот состав, а Александру Чепреги со 6 гола беше најефикасен во одлично подготвената романска репрезентација. 

До заминувањето во Краков, српските ракометари ќе одиграа пријателски меч и со силната Унгарија на селекторот Талант Душебаев. Синоќа во церемонијата на РСС, Момир Илиќ беше прогласен за српски ракометар на годината. Најдобриот стрелец на Лигата на шампионите минатата сезона, нема да настапи во Полска, заради приватни причини.