„Србија е без шанси, Македонија ќе добие вајлд-карта за СП во Египет“

Ракометна Македонија вчера го дозна противниците во новиот циклус квалификации за Европското првенство во 2022 година, но во овој период сите наши мисли се насочени кон одлуката на ЕХФ и ИХФ кои две селекции од Европа ќе добијат вајлд-карта за следниот Мундијал. 

Без разлика на корона-кризата, Светското првенство ќе се одржи според планот, во јануари следната година во Египет. Оваа информација ја потврди и првиот човек на ИХФ, Хасан Мустафа, кој исто така потврди дека наскоро ќе бидат познати и последните два патника на овој собир. 

„Повеќето селекции се познати, единствено што останува е да ги поделиме специјалните покани. Наскоро сè ќе биде познато“, рече Мустафа.

Во трката за двете слободни места ќе учествуваат пет европски држави, а според српските медиуми, најголема шанса за позитивен одговор имаат Македонија и Полска. Според нив, Србија е без шанси во овој избор, исто како и Црна Гора и Русија. 

Македонија, својот пат до Мундијалот во 2021 година требаше да го обезбеди преку бараж двомечот со Франција, но поради пандемијата беше откажан. 

Што се однесува до континенталниот собир во 2022 година, избраниците на Брестовац ќе треба да се изборат преку Данска, Финска и Швајцарија.

<<< ПОВРЗАНО - Македонија против Данска, Швајцарија и Финска ќе се бори за ЕП 2022!