Србија доживеа дебакл со 13 гола разлика од Холандија

По двете победи над Ангола и Куба, женската селекција на Србија го запиша нов пораз од европска селекција на Мундијалот во Јапонија. Ако претходно од Норвешка загуби со минимални 28-25, денес доживеа дебакл од селекцијата на Холандија со дури 13 гола разлика (23-36). 

Сепак, и покрај вториот пораз, Србинките не ги загубија шансите за главна фаза на овој Мундијал, затоа што во последното коло против Словенија ќе го решаваат последниот патник од групата А. 

Победникот од денешниот натпревар беше решен уште во воведните минути, во кои Холандија се избори за позитива која на полувреме гласеше осум гола. Ниту во вториот дел Србија не успеа да се врати во игра, холандското водство растеше и на крај застана на највисоки +13. 

Полман со осум гола беше најрасположена во победничиот табор, додека кај Србија се истакнаа Лисчевиќ, Обрадовиќ и Трифуновиќ со по шест постигнати гола.