Србија даде шест гола во вториот дел, убедлив триумф за Хрватска во Охрид

Репрезентацијата на Хрватска немаше големи проблеми во вториот меч на „Трофеј Македонија“, откако ја надигра селекцијата на Србија со убедливи 28-15. 

Мечот не започна со многу силно темпо, не видовме голови во првите три минути, а потоа Србија беше тимот што заигра малку подобро. Имаше нашиот северен сосед во неколку наврати +2, но Хрватска успеа да се соземе и прикажа далеку подобра игра во продолжение. 

Започна да излегува на виделина физичката надмоќ на Хрватките, беа поснажни од своите ривалки, додека селекцијата на Србија влезе во серија грешки, што резултираше со промена на водството. 

Хрватска најпрво успеа да се врати во егал, а до крајот на полувремето успеа да создаде и разлика од четири гола. На паузата резултатот гласеше 13-9. 

Продолжи Хрватска со силното темпо на стартот од вториот дел. Девојките на селекторот Обрван наметнаа пеколен ритам и многу бргу „побегнаа“ на двоцифрена разлика (21-11), по што веќе беше јасен победникот на овој меч. 

Немаа одговор Србинките за мотивираната игра на ривалот, па така, до крајот видовме прилично еднострана игра. Хрватска не дозволи никакво враќање на противникот и го затвори мечот со убедливи 28-15. 

За играч на мечот беше прогласена Ивана Фратник, која постигна четири гола за хрватскиот состав.