Спектакл во најава на СП во ракомет: Финалето ќе се игра на стаклена подлога?

Финалето на Светското првенство во ракомет во 2027 година би можело да донесе вистинска технолошка револуција. Германските организатори размислуваат завршниот натпревар во Келн да се одигра на специјална стаклена подлога со ЛЕД-осветлување, која овозможува спектакуларни анимации и светлосни ефекти.

Станува збор за иновативна површина под која се наоѓаат милиони ЛЕД-точки, претворајќи го теренот во огромен дигитален екран. Освен стандардните линии, на подлогата може да се прикажуваат логоа на репрезентациите, реклами, статистички податоци и различни анимации.

„Не сакам сега да откривам премногу. Се надевам дека наскоро ќе донесеме конечна одлука“, изјави извршниот директор на Германската ракометна федерација, Марк Шобер, во подкастот „Крајс“.

Тој појасни дека сè уште се разгледуваат трошоците и организациските предизвици, но доколку идејата биде прифатена, технологијата ќе се користи за време на завршниот викенд на Мундијалот.

Ваквата подлога веќе привлече големо внимание на завршниот турнир од германскиот Куп, одржан во истата сала во Келн. Иако мислењата на ракометарите беа поделени, сите се согласуваат дека станува збор за новитет што може дополнително да го направи ракометот поатрактивен за гледачите.