• Горан Упале

Ракометарките на Спартак приредија големо изненадување во второто полуфинале од женскиот Куп на Македонија и преку фаворитот Чаир се пласираа во своето прво финале (24-23).
Средбата започна израмнето, со цврста игра во одбраната на двете страни и мал број голови. По првите 15 минути резултатот беше 5-5, но во финишот на првото полувреме Спартак заигра нешто поорганизирано и поефикасно, што му донесе предност од 13-10 на паузата.
И во вториот дел се продолжи со слично темпо, со многу борба и малку голови. Кон средината на полувремето следуваше исклучувањето на Сара Цветаноска, која заработи црвен картон поради три исклучувања, оставајќи го Спартак без еден од најважните играчи. Тоа го искористи Чаир, кој постепено ја топеше негативата, а со погодокот на Величковска успеа да израмни на 16-16 и да внесе дополнителна неизвесност во натпреварот.
Сепак, ракометарките на Спартак покажаа карактер во клучните моменти, брзо се консолидираа и повторно ја презедоа контролата врз резултатот. Во драматична завршница, аутсајдерот успеа да ја сочуваат минималната предност и на крај заслужено славеше со 24-23.
Во големото финале кое што на програмата е утре ракометарките на Спартак ќе се судрат со големиот фаворит Ѓорче Петров кој претходно денеска го совлада Пелистер со 15-37.
