СП, Група Д: Шведска отскокнува пред останатите, Унгарија и без Наѓ делува моќно! 

По подолга пауза од 12 години најдобрите светски ракометни сили се враќаат во Германија, која заедно со Данска ќе го организираат Светското првенство кое е пред нас. 

На овогодишниот Мундијал како и на претходните ќе настапат 24 земји, поделени во четири групи (А,Б,Ц и Д). За разлика од останатите три, групата Д, која ја сочинуваат Унгарија, Шведска, Египет, Аргентина, Ангола и Катар се очекува да биде една од најневозбудливите, ако се земе фактот дека двете европски селекции се далеку поквалитетни од останатите четири, кои би требало да се борат за третата позиција, последна која води во главната фаза. 

УНГАРИЈА: Селекцијата Унгарија го направи можеби најголемото изненадување во баражот за овој собир, бидејќи успеа да го најде лекот за тактиката на Веселин Вујовиќ и заслужено да ја елиминира фаворизираната Словенија. Во Словенија, Унгарците славеа со 29-24, додека бронзените од последниот Мундијал победија како гости со 26-22. Селекторското дуо Иштван Чокнаи и Владан Матиќ на располагање има голем број на квалитетни ракометари, кои претежно доаѓаат од Веспрем и ПИК Сегед, но поради репрезентативна пензија повеќе не можат да сметаат на најголемото унгарско ракометно име Лесло Наѓ. Унгарија не може да се пофали со поголеми успеси на претходните Мундијали, најголемиот го имаше пред 33 години, кога заврши на второто место, додека на последниот планетарен собир заврши на седмата позиција. Своето деби на Светските првенства во Германија и Данска ќе го има на 11 јануари против Аргентина.

ШВЕДСКА: Скандинавската земја несомнено е најголемиот фаворит за првата позиција на табелата во оваа група. Една од најтрофејните ракометни селекции, можеби не така лесно стигна до овој Мундијал, откако во баражот потешко од очекуваното славеше над Холандија (25-24 во Холандија, 26-20 во Шведска). Прва ѕвезда во Шведска, предводена од исланѓанецот Кристијан Андресон, е Џим Готфридсон (ракометарот кој на последното Европско првенство беше прогласен за МВП), од кого се очекува да ја води селекцијата до нов голем успех како во 1954, 1958, 1990 и 1999 година. Своето деби на Светското првенство во Германија и Данска ќе го има на 11 јануари против селекцијата на Катар. 

ЕГИПЕТ: Една од најквалитетните африкански селекции, благодарение на сребрениот медал од Африканските игри, успеа да обезбеди пласман на планетарниот собир, на кој не може да очекува многу, но никако не смее да се потцени. Својот најголем успех, Египет го имаше пред 18 години, кога стана првата не европска селекција која се пласирала на едно полуфинале, а оваа генерација на чело со поранешниот член на стручниот штаб на Вардар, Давид Дејвис, ќе го даде максимумот да го повтори големиот успех од 2001 година. Своето деби на Светското првенство во Германија и Данска ќе го има на 11 јануари против селекцијата на Шведска. 

АНГОЛА: Селекцијата на Ангола, иако веќе четири Мундијали во низа е во друштво на најдобрите светски селекции, не остварила некој поголем успех и според очекувањата е аутсајдер во оваа група. До место на овој собир стигна преку бронзениот медал од Африканските игри. Селекторот Филипе Пинто да Круз во својот ростер нема некој ракометар кој отскокнува во квалитет од останатите, па тимскиот дух ќе биде најголемиот адут на оваа селекција. Своето деби на Мундијалот во Германија и Данска ќе го има на 11 јануари против селекцијата на Катар. 

КАТАР: Сензацијата од Светското првенство пред четири години, кога го занеме целиот свет со пласманот во големото финале кое го загуби од Франција, на овој собир судејќи по играчкиот кадар не делува така моќно. Искусниот стратег Валеро Ривера, пред неколку дена ја изненади катарската јавност со изоставувањето во составот на искусните Жарко Марковиќ и Горан Стојановиќ, образложувајќи дека време е за нова генерација, која ќе се гради од година во година. Катарани своето учество на овој собир го обезбедија преку златниот медал на Азискиот шампионат, а деби мечот ќе го имаат на 11 јануари против селекцијата на Ангола. 

АРГЕНТИНА: Според најавите кои доаѓаат од јужноамериканските медиуми, Аргентина со најголеми проблеми ќе го започне овој Мундијал. Селекторот Маноло Каденас, кој на чело на селекцијата пристигна пред шест месеци, се соочува со сериозни проблеми околу повредени играчи и сè уште не знае со какво сили ќе истрча на првиот меч. За „гаучосите“ ова е 12-то Светско првенство по ред, до истото стигнаа преку златниот медал од Панамериканското првенство, а своето деби ќе го имаат на 11 јануари против селекцијата на Унгарија. 

Сите натпревари од групата Д се играа во „Ројал Арена“ во Копенхаген, Данска.