СП, група Ц: Данска главен фаворит, Норвешка од сенка ќе се обиде да изненади

Групата Ц на претстојниот ракометен Мундијал ќе ја сочинуваат репрезентациите на домаќинот Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле и Саудиска Арабија. Данците се големи фаворити за освојување на првото место и секој друг исход ќе биде голем неуспех за нив. Од сенка атак на лидерската позиција и пренесување на повеќе бодови во следната фаза ќе брка и репрезентацијата на Норвешка, а битката за третото место и пласман во следната рунда треба да ја водат Тунис и Австрија.

ДАНСКА - Ракометарите на Данска и според обложувалниците се најголеми фаворите за освојување на златниот медал, поготово сега кога репрезентацијата на Франција во своите редови ќе го има Никола Карабатиќ. Главна ѕвезда кај данскиот тим се очекува да биде Микел Хансен. Во прилог на селекторот Николај Јакобсен оди и податокот дека моменталната генерација на Данска е релативно искусна и подготвена за искачување на самиот врв, со оглед дека најмладиот ракометар има 23 години (Магнус Јакобсен), додека најстар е Ханс Линдберг со 37 години. На минатиот шампионат во Франција, Данците го зазедоа разочарувачкото десетто место, а нивни најголем успех е настапот во финалето на шампионатите во Шведска (2011 година) и Шпанија (2013 година).

НОРВЕШКА - Ракометарите на Норвешка се актуелен вицешампион од последниот Мундијал во Франција, а и на претстојниот Мундијал се очекува да играат клучна улога и со малку среќа повторно да се замешаат во битката за висок пласман. Амбициите на Норвежаните беа пореметени по повредата на Кент Робин Тонесен, а селекторот Кристијан Берге, на негово место го повика Харалд Рајнкин од тимот на Кил. Предводник на норвешкиот тим се очекува да биде играчот на ПСЖ, Сандер Сагосен, а помош треба да има и од искусните Бјарте Мирхол, Магнус Јондал и Кристијан Бјорнсен. Според обложувалниците Норвешка се наоѓа на петтото место за освојување на Мундијалот.

АВСТРИЈА - Ракометарите на Австрија не беа дел од последниот Мундијал во Франција, а на претстојното Светско првенство се пласираа откако во европскиот плеј-оф успеаја да ја елиминираат репрезентацијата на Белорусија. Австријците досега имаат пет настапи на Мундијалите, а нивниот најголем успех е второто место на првото Светско првенство во 1938 година во нацистичка Германија. Главна цел на исландскиот селектор Патрекур Јоханесон ќе биде пласман во следната рунда, а за тоа се очекува битка да водат со репрезентацијата на Тунис. Клучен играч во репрезентацијата на Австрија се очекува да биде Никола Билик од Кил, а исто така успехот на Австријците ќе зависи и од играта на ветераните Јанко Божовиќ и Роберт Вебер.

ТУНИС - Ракометарите на Тунис се редовни учесници на Мундијалите, па за нив претстојното Светско првенство ќе биде 13-то по ред, а вкупно нивно 14-то во историјата на шампионатот. Нивни најголем успех е четвртото место од 1995 година, кога беа и организатори на Мундијалот. На минатиот шампионат во Франција, ракометарите на Тунис своите настапи ги завршија во групната фаза (беа во иста група со Македонија) и на крајот го освоија за нив разочарувачкото 19-то место. Тунис е актуелен шампион на Африка, откако во финалето во Габон на почетокот на минатата година го совлада тимот на Египет. Предводник на Тунижаните е Шпанецот, Тони Герона, а нивни главен играч се очекува да биде Ваел Жулуз од Фуксе Берлин, а помош треба да има од искусниот пивот Исам Теж и десниот бек Амине Банур.

ЧИЛЕ и САУДИСКА АРАБИЈА не се очекува да одиграат нешто посебно и во меѓусебниот дуел ќе треба да решат која од репрезентациите ќе има повисок пласман пред своите настапи да ги продолжат во „Президент Купот“. За Чиле претстојниот Мундијал ќе биде нивни петти, а највисокиот успех го забележаа во Франција, кога го зазедоа 21-то место. Богатите Саудијци на Мундијалот во Германија и Данска ќе играат по деветти пат, а нивниот најголем успех е 19-то место од шампионатите во 2003 и 2013 година.

Освен отворањето на шампионатот меѓу Данска и Чиле, кој ќе се одигра во „Ројал Арена“ во Копенхаген, сите останати натпревари од групата Ц, ќе се одиграат во „Банк Боксен Арената“, во Хернинг. Пласман во следната фаза на Мундијалот ќе обезбедат првопласираните три репрезентации, а останати ќе ги продолжат своите настапи во „Президент Купот“.