СП 2019: Дувњак, Генсхајмер, Хансен, Душебаев, Готфридсон... ѕвездите во отсуство на Карабатиќ

СП ѕвезди

Долги години, Никола Карабатиќ беше на врвот меѓу најголемите имиња на натпреварите на Светските првенства. Но, Французинот ќе биде отсутен оваа зима од собирот во Данска и Германија, па Gol.mk ви ги претставува неговите наследници како најголеми ѕвезди на претстојниот Мундијал.

ДОМАГОЈ ДУВЊАК - Лидерот на Хрватска беше надвор од конкуренција на Европското првенство на домашен терен минатата година, па сега посакува да им помогне на своите сонародници на Светското првенство. 30-годишникот се врати по тешката повреда скочниот зглоб и ќе биде човекот од кого ќе зависат многу работи во тимот на Лино Червар во наредните две и пол недели.

УВЕ ГЕНСХАЈМЕР - Левото крило на германската репрезентација е играчот од кого се очекуваат многу голови на Мундијалот. Брзите контра напади и секогаш непредвидливите удари од крилна позиција го прават најдобар меѓу конкуренцијата во последните неколку години. Кога Германија ја освои европската титула тој беше повреден, па негова желба сега е да испише историја со својата репрезентација на домашен терен.

МИКЕЛ ХАНСЕН - Кога се зборува за суперѕвездите во светскиот ракомет, него не може да го пропуштите. Во Данска е Бог, бидејќи беше главен играч во победите на Олимписките игри и Европското првенство. Во два наврати беше и најдобар ракометар во светот, но во колекцијата му фали светска титула, па затоа овој шампионат има посебно значење за данскиот бомбардер.

САНДЕР САГОСЕН - Напредокот на норвешката репрезентација е поврзана со квалитетите на една од најмладите ѕвезди на шампионатот. Пред три години тој ја водеше Норвешка во полуфиналето на ЕП, а една година подоцна и во финалето на Мундијалот во Франција. Во двата наврати, селекцијата предводена од Кристијан Берге се најде на поразената страна, што дополнително разбуди мотивација кај талентираниот среден бек.

АЛЕКС ДУШЕБАЕВ - Самото презиме е доволен притисок за поранешниот член на Вардар. Младиот Шпанец се искачи на врвот на Европа со македонскиот првак и продолжи да напредува во Полска, кај својот татко Талант, а минатата година во Хрватска се радуваше на златото со својата репрезентација. Постигна четири гола во финалето и заслужено се најде во најдобриот тим. Очекувањата од него и неговите репрезентативни колеги се обединување на европската и светската титула.

ЏИМ ГОТФРИДСОН - Најдобриот шведски интернационалец е водечка сила во редовите на Флензбург, но и во својата селекција. Тој беше главниот виновник за пласманот на Шведска во финалето на Европското првенство пред една година. На турнирот во Хрватска, Готфридсон беше прогласен за најдобар играч на шамионатот, награда, која без никаков сомнеж заслужи да заврши во неговите раце.

НЕДИМ РЕМИЛИ - Неиграњето на Никола Карабатиќ значи дека помладата генерација на бранителот на титулата ќе мора да преземе одговорност оваа година. Најголемиот товар ќе падне токму врз Ремили, кој заедно со Дика Мем и Николас Турна треба на Франција да и донесе задоволителен пласман и оправдани очекувања.

ВИНСЕНТ ЖЕРАР - На последните две големи натпреварувања, францускиот голман беше најдобар меѓу конкурентите на својата позиција. Во своите најдобри моменти, ги тераше противниците да паднат во очај и да шутираат без никаква самодоверба. Доколку повторно покаже одлична форма, шансите на Французите за висок пласман на Мундијалот се големи.