Солзи радосници за легендата Велкова, МРК Ѓорче Петров 2 се пласира во Суперлигата

Екипата на МРК Ѓорче Петров 2 е нов суперлигаш! Тимот од Скопје денес славеше во бараж-натпреварот против битолски ЖРК Пелистер со 24-17 и го забележа најголемиот успех. Така, вториот тим на македонскиот шампион за првпат ќе се надигрува со најдобрите екипи во домашниот ракомет.

Натпреварот во Радовиш не ја донесе очекуваната неизвесност, затоа што Ѓорче Петров 2 доминираше од првата до последната минута. Младите пелистерки не успеаја да го издржат притисокот, дуелот го отворија во грч, првиот гол го постигнаа дури во седмата минута, па потоа им беше многу тешко да се вратат во ритам. Сепак, и покрај испаѓањето од лигата, младиот тим на ЖРК Пелистер имаше исклучително позитивна сезона, пред сè со историското учество во завршницата од Купот на Македонија.

Радоста кај ракометарките на МРК Ѓорче Петров 2, беше неизмерна, а по победата емоциите ја совладаа предводничката Милева Велкова, која со солзи радосници им честиташе на своите ракометарки. 

Најдобри ракометарки на натпреварот беа Тодоровска од Пелистер со шест гола, а кај победничката екипа по четири гола постигнаа Аврамовска и Наумоска.